Ahmet Gürhan Kartal
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
ЛОНДОН
Велика Британија денеска порача дека Кина треба да дозволи пристап на Обединетите нации во покраината Ксинџијанг ако сака веродостојно побивање на наводите за кршење на човековите права, јавува Агенција Анадолија (АА).
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, реагира на кинеските санкции за девет британски државјани, воведени откако Велика Британија објави санкции за кинеските официјални лица минатата недела.
„Тоа многу зборува за тоа дека додека Велика Британија се придружува на меѓународната заедница во санкционирањето на одговорните за кршењето на човековите права, кинеската Влада ги санкционира своите критичари“, истакна Раб.
„Ако Пекинг сака веродостојно да ги побие наводите за кршење на човековите права во Ксинџијанг, треба да му дозволи на Високиот комесаријат за човекови права на ОН целосен пристап да ја провери вистината“, додаде тој.
„Ние го осудуваме обидот на Кина да ги замолчи оние што го истакнуваат кршењето на човековите права во земјата и во странство, меѓу кои и британски пратеници“, порача Раб во посебна порака објавена на Твитер.
Таргетираните лица, меѓу кои и пратеници, се Том Тугендхат, Ијан Данкан Смит, Нил О’Брајан, Дејвид Алтон, Тим Лоутон, Нусрат Гани, Хелена Кенеди, Џефри Најс и Џоана Никола Смит Финли.
Пекинг воведе санкции и против Кинеската истражувачка група, Комисијата за човекови права на Конзервативната партија, Трибуналот за Ујгурите и Судските совети на Есекс.
Претходно оваа недела, Велика Британија воведе санкции, заедно со САД, Канада и ЕУ, врз кинески официјални лица за кршења на човековите права на етничката група Ујгури, претежно муслимани, во Ксинџијанг.
Пекинг го повика британскиот амбасадор во Кина во знак на протест против санкциите.
Кина континуирано ги негира обвинувањата дека раководи со притворни кампови во нејзиниот северозап
аден регион Ксинџијанг, каде што живеат Ујгурите, тврдејќи дека ги реедуцира Ујгурите.