Hasan Esen
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
ЛОНДОН (АА) – Британската Влада подготви предлог за казнување на социјалните медиуми и интернет-провајдерите, доколку не ги блокираат злонамерните содржини на интернет, како што се терористичката пропаганда и злоупотребата на деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Предлогот на Владата наречен „Први закони за безбедност на интернетот во светот“ е подготвен од Министерството за дигитализација, култура, медиуми и спорт и од Министерството за внатрешни работи.
Според предлогот, за спроведување на новите стандарди ќе се формира независно регулаторно тело.
- Казни и за одговорните лица -
Регулаторното тело ќе има овластувања во случај на прекршување на правилата да казнува парично, да го блокира пристапот до веб-страницата и да ги казни одговорните лица на социјалните медиуми или веб-страницата.
Социјалните медиуми или интернет-провајдерите, кои нема да ги исполнат своите обврски, ќе се соочат со тешки парични казни.
- Штетни содржини -
Со новите правила ќе бидат забранети насилства и терористички пропаганди, поттикнувања на самоубиства, дезинформации, а исто така на децата ќе им биде одбиен интернет-пристапот до несоодветни содржини.
Премиерката Тереза Мeј, во изјавата за темата, истакна дека интернет-компаниите не прават доволно напори за да ги заштитат корисниците на интернет, особено децата и младите.
„Онлајн-компаниите мора да почнат да ја преземаат одговорноста за нивните платформи“, рече премиерката Мeј.
- „Периодот на самоконтрола е завршен“ -
Министерот за дигитализација, култура, медиуми и спорт, Џереми Рајт, истакна дека доброволните чекори на секторот за да ги блокира штетните содржини не беа доволни и нагласи: „Заврши периодот на самоконтрола на интернет-провајдерите“.
Дебатата со заинтересираните страни за предлогот што носи строги правила за социјалните медиуми и интернет-компаниите ќе трае 12 недели, а потоа се очекува да добие финална верзија.