Alperen Aktaş
09 Август 2024•Ажурирај: 12 Август 2024
АБУЏА (АА) - Бројот на загинати во Нигерија од треската Ласа, смртоносна хеморагична болест, до синоќа се искачи на 163, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Центарот за контрола и превенција на болести во Нигерија, епидемијата на треската Ласа продолжува да се шири низ 34 држави и територијата на федералната престолнина.
Нигериската Влада претходно објави дека се одредени три лека за лекување на болеста.
За време на сушната сезона, која обично трае од ноември до мај, случаите со треската Ласа имаат тенденција на раст. Во 2023 година се откриени вкупно 1.227 случаи на треска Ласа, а 219 лица починале.
Треската Ласа, која е присутна и во неколку други африкански земји, како Мали, Того, Гана, Либерија и Сиера Леоне, првпат беше откриена во Нигерија во североисточната држава Борно во 1969 година.
На 23 јануари 2019 година нигериската Влада прогласи вонредна состојба поради појавата на треската Ласа.
Болеста се пренесува преку контакт со измет од стаорец, може да се шири од човек на човек и може да предизвика фатална хеморагична треска.
Властите ја предупредија јавноста да избегнува контакт со стаорци и други глодачи.