Bayram Altuğ
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) – Портпаролот на високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Чарли Јаксли, соопшти дека бројот на нерегуларните мигранти кои ги загубија своите животи во Медитеранот, оваа година ја надмина бројката од 1.000, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот истакна дека во текот на последните шест години, секоја година, повеќе од 1.000 луѓе кои се обиделе да го преминат Медитеранот, ги загубиле своите животи. „Некои работи треба да се променат. Треба да се направи нешто повеќе. Приоритет треба да биде спасувањето животи“, нагласи тој.
„Од почетокот на 2019 година загинаа над 1.000 нерегуларни мигранти кои се обидоа да преминат во Европа“ рече Јаксли.
Истакнувајќи дека воените бродови на Европската Унија (ЕУ) во Медитеранот не биле успешни во спасувањето на нерегуларните мигранти, рече дека ЕУ, во рамките на проектот „Маре Нострум“ треба да ги продолжи активностите за пребарување и спасување во подрачјето на Средоземното Море, каде што во минатото беа спасени илјадници животи.
Тој, упатувајќи повик до ЕУ итно да го зголеми својот капацитет за пребарување и спасување во Медитеранот, додаде дека и бродовите на земјите членки треба да се користат во овие активности.
Според Меѓународната организација за миграции (IOM), повеќе од 15.000 луѓе ги загубиле своите животи од 2014 година, во обид да преминат преку Средоземното Море во европските земји.