Ömer Faruk Yıldız
11 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Безбедносните сили во Мјанмар убија уште 2 лица, со што бројот на загинати откако започнаа протестите на 1 февруари во земјата, по извршениот пуч, се зголеми на 860 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP), во последните 24 часа убиени се уште 2 лица.
Се истакнува дека вкупниот број на загинати е зголемен на 860, а 4.804 лица се наоѓаат во притвор.
- Во напад на антипучистичка група животот го загубија 10 војници -
Од друга страна, се тврди дека 10 војници го загубиле животот во судирите меѓу Народните одбранбени сили „Кани“, една од антипучистичките етнички вооружени групи што дејствуваат во државата Сагаинг и Армијата на Мјанмар на 9 јуни.
Очевидец, кој зборуваше за весникот „Иравади“ (The Irrawaddy), истакна дека на Автопатот Монива - Калева во областа Кани, побунениците поставиле заседа за конвој од 70 припадници на Армијата на Мјанмар.
Очевидецот изјаи дека 10 војници биле убиени во судирите, а најмалку 10 биле повредени.
Воената администрација на Мјанмар не даде соопштение во врска со нападот.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, де факто челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата и понатаму траат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.