Mohammad Sıo
26 Февруари 2024•Ажурирај: 27 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Бројот на загинати Палестинци во израелската офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 29.782, соопшти денес Министерството за здравство во опколената енклава, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се наведува дека 70.043 Палестинци се повредени во тековните напади на израелската армија.
Се додава дека во изминатите 24 часа израелските сили извршиле 10 масакри на целата територија, при што загинале 90 луѓе, а биле повредени уште 164.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата, а спасувачите не можат да стигнат до нив“, соопшти Министерството.
Израел започна смртоносна офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври, во кој се верува дека се загинати речиси 1.200 Израелци.
Според Обединетите нации, поради израелската офанзива врз Газа 85 отсто од населението на енклавата е внатрешно раселено, а 60 отсто од инфраструктурата е оштетена или уништена.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.
Тел Авив сега планира копнена офанзива во јужниот град Рафа, каде што се засолниле 1,4 милиони луѓе.