Ahmet Gençtürk,Derya Gülnaz Özcan
02 Март 2023•Ажурирај: 03 Март 2023
АТИНА (АА) - Бројот на загинати во железничката несреќа што во вторникот се случи во северна Грција се искачи на 46, додека најмалку 10 лица сè уште се водат како исчезнати, објавија денес државните медиуми, пренесува Анадолу.
Спасувачките тимови, меѓу кои и пожарникари, трагаат по преживеани откако патнички воз што превезувал над 350 луѓе се судри со товарен воз во гратчето Темпи, во близина на градот Лариса, при што предните вагони излетаа од шините и се запалија.
Најмалку 72 повредени патници се хоспитализирани, а 15 од нив се пуштени на домашно лекување, јави државната телевизија ЕРТ.
Меѓу жртвите има и девет работници на железницата и студенти кои се враќале во пристанишниот град Солун од Лариса и Атина.
Психолози се испратени во Општата болница во Лариса за да им пружат поддршка на семејствата на загинатите и на повредените патници.
Никос Сгурис, еден од спасувачите, за Анадолу изјави дека постојат две главни причини за големиот број жртви: прва, и двата воза се движеле со голема брзина, и втора причина, пожарот дополнително се разгорел од маслото за јадење складирано во просторот на ресторанот.
Василис Илиопулос, друг волонтер спасувач, изјави дека е малку веројатно некој да биде извлечен жив од остатоците.
Во вестите во грчките медиуми засновани на полициски извори, дежурниот шеф на станицата, кој е приведен во врска со несреќата, рекол: „Направив грешка и го испратив патничкиот воз на истата линија како и товарниот воз од Катерини.“
Тој ќе се појави пред обвинител, јави државната агенција АМНА.
Грчкиот премиер Киријакос Мисотакис го посети местото на несреќата, а грчката Влада прогласи тридневна национална жалост по најтрагичната железничка несреќа во историјата на земјата.
Во Атина, главниот град на Грција, вчера изби судир меѓу демонстрантите кои протестираа поради железничката несреќа.
Неколку стотици демонстранти, кои се собраа пред зградата во која се наоѓаат канцелариите на железничката компанија „Хеленик“, носеа натпис: „Не е несреќа, тоа е убиство.“
Полицијата интервенираше со солзавец врз демонстрантите кои не сакаа да ги напуштат протестите.