Eşref Musa,Adham Kako,Burak Karacaoğlu
27 Јули 2019•Ажурирај: 28 Јули 2019
ИДЛИБ
Врз населените места во подрачјата на зоната за деескалација на судирите во Идлиб продолжуваат воздушните напади на режимот на Башар Ал Асад во Сирија и на Русија. Во воздушните напади на режимот и Русија животот го загубија 14 цивили, а 30 цивили се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Кулата за набљудување, која ѝ припаѓа на сириската опозиција, информираше дека од раните утрински часови, режимот на Асад спроведува воздушни напади врз местото Јерихон, во областа Идлиб, местото Морик и селата Амкије, Хаваш и Зијара во областа Хама, кои се наоѓаат во рамките на зоната за деескалација на судирите во Идлиб.
Припадниците на сириската опозиција информираа дека од кулата е забележано дека и руски авиони ги бомбардирале местото Кефер Зита и селото Латмин. Во нападот на руските авиони на една амбуланта животот го загубија три лица од медицинскиот персонал.
Според информациите добиени од Цивилната заштита (Бели шлемови), во воздушниот напад на режимот врз Јерихон животот го загубиле 11 лица, а 30 се ранети.
Се стравува од зголемување на бројот на загинати поради продолжувањето на интензивните воздушни напади.
Од почетокот на неделата досега во воздушните напади на Русија и режимот на Асад врз подрачјата на зоната за деескалација на судирите во Идлиб, бројот на загинати се искачи на 95 цивили.
- Состојбата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, во периодот од 25 до 26 април годинава се одржа 12. состанок на земјите гаранти за Сирија, меѓу Турција, Русија и Иран. Токму во тој период дојде до интензивирање на нападите, што продолжува и денес.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои припадниците на режимот на Асад и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули во зоната за деескалација на судирите во Идлиб, загинале 606 цивили, од кои 157 деца и 111 жени.