Бројот на жртви од тајфуните на Филипини се зголеми на 259
– Бројот на загинати од двата тајфуна Фунг-вонг и Калмаеги, кои ги погодија Филипини, се искачи на 259 лица, а 114 сè уште се водат како исчезнати, јави државната новинска агенција
АНКАРА (АА) – Бројот на загинати од двата тајфуна Фунг-вонг и Калмаеги, кои ги погодија Филипини, се искачи на 259 лица, а 114 сè уште се водат како исчезнати, јави државната новинска агенција, јавува Анадолу.
Минатата недела тајфунот Калмаеги ги погоди островот Цебу и неколку области во регионот Централен Висајас, при што загинаа 232 лица, 112 се водат како исчезнати, а 523 беа повредени.
Повеќе од 4,1 милион луѓе беа погодени од невремето, соопшти Националниот совет за управување со ризици од катастрофи (NDRRMC).
Тајфунот сериозно ги оштети патиштата и инфраструктурата, погодени се речиси 135.000 куќи, од кои 20.510 се целосно уништени.
Најновиот тајфун Фунг-вонг, кој ја погоди земјата во петокот вечерта и ја напушти филипинската територија во вторник изутрина, однесе 27 животи, повреди 36 лица, а две се водат како исчезнати.
Според локалните власти, тајфунот погодил повеќе од 4,4 милиони луѓе во 15 региони, меѓу кои Централен Лузон, автономниот регион Бангсаморо на муслиманскиот остров Минданао (BARMM) и Западен Висајас.
Над 800.000 раселени лица се засолниле во околу 11.800 центри за евакуација низ погодените подрачја.
Тајфунот оштети патишта и мостови, а прекини во снабдувањето со струја и вода сѐ уште има во десетици градови и населени места.
Според Министерството за образование, последниот тајфун оштетил речиси 3.000 училишта, од кои 1.238 се целосно уништени.
Тајфунот Фунг-вонг, локално познат како тајфун Уван, ја напушти филипинската област на одговорност рано во вторникот и сега се движи кон Тајван, каде што, според метеоролошката служба, постепено слабее, но сè уште може да донесе обилни дождови во централните и јужните делови на земјата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
