Mahmut Geldi
09 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудиска Арабија објави дека оваа година на аџилак ќе бидат прифатени вкупно 1 милион посетители од земјата и од странство, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за аџилак и умра на Саудиска Арабија објави соопштение со информации за правилата и квотите за сезоната на аџилак, што и оваа година ќе се одвива во сенката на мерките против епидемијата на Ковид-19.
Истакнувајќи дека Владата на Саудиска Арабија му придава важност на аџилакот на бројните муслимани и на почитувањето на здравствените услови на епидемијата, во соопштението се наведува дека квотата на посетители од внатрешноста и надвор од Саудиска Арабија е зголемена на 1 милион за сезоната 2022.
Бројката на посетители ќе се одредува според квотата од секоја земја, а оваа година аџилак ќе можат да извршат лица помлади од 65 години, со примени основни дози вакцина против Ковид-19.
Во соопштението се вели дека секое лице што ќе патува во Саудиска Арабија на аџилак треба да покаже негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.
Министерството за аџилак и умра исто така ги предупреди аџиите да се придржуваат на мерките против Ковид-19.
Поради епидемијата на Ковид-19, Саудиска Арабија во 2020 година прифати само ограничен број аџии од земјата. Минатата година аџилак во Саудиска Арабија извршија 60.000 лица од земјата, воведувајќи забрана за аџилак на лица надвор од земјата.