İnci Gündağ
22 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
ЛОНДОН (АА) - Предлогот на победникот на неодамнешните претседателски избори во САД, Доналд Трамп, лидерот на Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) Најџел Фараж биде претставник на Велика Британија во САД, предизвика негодување кај претставниците на британската Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
„Многу луѓе би сакале да го видат Најџел Фараж како ја претставува Велика Британија, како нивен амбасадор во САД. Тој би завршил одлична работа!“, објави Трамп преку социјалната мрежа Твитер, што предизвика реакции од канцеларијата на премиерот на Велика Британија.
Во соопштението се истакнува дека Велика Британија во моментов има одличен претставник во САД.
Министерот за излез на Велика Британија од Европската Унија (Брегзит), Дејвид Дејвис, рече дека луѓето можат да кажат што сакаат, но вистината е дека не постојат празни позиции за амбасадор и дека во Вашингтон имаат многу добар претставник.
Лидерот на Либералните демократи, Тим Фарон, го нарече бесмислен предлогот на Трамп.
Најџел Фараж изјави дека има добри односи со тимот на Трамп.
„Сакам да играм позитивна улога во односите меѓу двете земји“, рече Фараж.
Фараж е првиот британски политичар кој се состана со Трамп. Двајцата се состанаа во Њујорк, а средбата предизвика реакции на островот.
Тој го поддржа Трамп за време на кампањата и за време на изборите во Соединетите Американски Држави.
Еден од најголемите заговорници на Брегзит, по објавувањето на резултатите од референдумот во јуни годинава, поднесе оставка од функцијата претседател на партијата. Тој ќе остане на оваа позиција до внатрешните избори закажани за 28 ноември.