Burak Bir
15 Мај 2024•Ажурирај: 19 Мај 2024
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Камерон, вчера рече дека нападите врз конвоите со хуманитарна помош во храна за Газа се ужасни и побара од Израел екстремистите да одговараат, пренесува Анадолу.
„Нападите на екстремистите врз конвоите со помош на патот кон Газа се ужасни“, наведе Камерон на социјалната мрежа Х, нагласувајќи дека жителите на Газа се во опасност од глад и очајнички им е потребна храна.
Видеото што во понеделникот кружеше на социјалните мрежи ги прикажува илегалните еврејски доселеници како блокираат возила и фрлаат кутии со храна на контролниот пункт Таркумија, западно од Хеброн, на Западниот Брег, окупиран од Израел.
Камионите кои превезувале храна подоцна се запалени.
„Израел мора да ги повика напаѓачите на одговорност и да стори повеќе за да овозможи помош. Ќе ја пренесам мојата загриженост до израелската Влада“, додаде Камерон.
- Израелските напади на Појасот Газа -
Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во нападите на Израел врз Појасот Газа убиени се повеќе од 35.180 Палестинци, главно деца и жени, а повеќе од 79.000 се повредени во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства за живот.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување. По повеќе од 7 месеци од почетокот на израелската офанзива огромни делови на Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на палестинската енклава е интерно раселено.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.