İnci Gündağ
14 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
ЛОНДОН (AA) – Британскиот Парламент го одобри Нацрт-законот со кој на владата ѝ се даваат овластувања да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, што ќе претставува официјален почеток на процесот на излегување на Велика Британија од Европската Унија (Брегзит), јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно овој месец, Горниот дом (Домот на лордовите) бараше да се вклучат два амандмана во Законот за излегување на Британија од Европската Унија. Беше побарано премиерката Тереза Меј да може да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор единствено доколку вети дека ќе ги заштити правата на европските граѓани и до Парламентот да се поднесе на одобрување конечниот договор меѓу Британија и ЕУ.
Пратениците на Долниот дом претходно ги отфрлија барањата на лордовите, а доцна синоќа и Домот на лордовите ги прифати аргументите и го одобри неизменетиот Нацрт-закон за Брегзит.
Нацрт-законот во Домот на лордовите беше одобрен со 274 гласа за и 118 гласа против, а за конечното стапување во сила, нацртот ќе го потпише и британската кралица Елизабета II.
Во согласност со претходните најави, британската премиерка Меј би требало во последната недела од овој месец да ги започне преговорите со Брисел за излегување на оваа земја од Унијата. Процесот би требало да трае во наредните две години.