Ahmet Gürhan Kartal
15 Октомври 2019•Ажурирај: 16 Октомври 2019
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за одбрана денес изјави дека Турција се соочила и сè уште се соочува со терористичката закана од ПКК, пренесува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на Парламентарното собрание на НАТО во Лондон, Бен Валас ја нагласи потребата на Турција да се брани од овие закани.
„Валас ја повика Анкара да ги почитува човековите права и постапувањето со цивилите при нападите во Сирија, и рече дека Турција се соочува со закана од курдските герилски сили“, се вели во денешната вест на „Тајмс“.
„Турција имаше и сè уште има закана која произлегува од групи како ПКК, терористичка организација во оваа земја исто така, и Турција треба да го стори тоа што понекогаш е потребно за да се одбрани“, изјави Валас.
Тој ги даде овие изјави по соопштението на Европската Унија (ЕУ) кое се спротивставува на антитерористичката операција на Турција во северна Сирија, со која се планира создавање безбедносна зона исчистена од терористички групи.
„Ова е ситуација што не сакавме да се развие на овој начин, но тоа е ситуација што се случи и се обидуваме да се осигуриме дека човековите права се почитуваат во тој процес“, рече Валас.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турските граници и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака да ја исчисти северна Сирија, подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.