Ekipa
17 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - Британска пратеничка вчера ја обвини британската Влада за премолчување на контроверзните изјави на американскиот претседател, Доналд Трамп, за градоначалникот на Лондон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Наз Шах, пратеничка на опозициската Лабуристичка партија и министерка во сенка за жени и рамноправност, изјави дека ториевската Влада не успеала да застане со малцинските заедници со тоа што не се спротивставила на Трамп и неговите расистички изјави.
„Ако Доналд Трамп може да ја поддржи екстремната десница која користи расистички изрази за да го нападне градоначалникот на Лондон и тоа не добие одговор од нашата премиерка или oд оние кои планираат да станат премиер, тогаш тоа претставува опасен и загрижувачки преседан“, изјави Шах за весникот „Метро“.
„Кога омразата и ставовите полни со предрасуди се легитимизираат, тогаш тоа влијае директно врз малцинските заедници“, локалните медиуми ја цитираа Шах.
„Овие заедници ќе гледаат на тоа кој ќе застане со нив? Досега, нема ништо освен поразителна тишина од оваа конзервативна Влада“.
Таа ги даде овие изјави откако Трамп на социјалната мрежа Твитер вербално го нападна градоначалникот на Лондон, Садик Кан, нарекувајќи го „национална катастрофа“.
Продолжувајќи ја својата практика на користење озлогласени извори, Трамп ја сподели објавата на контроверзната екстремно-десничарска британска медиумска личност Кејт Хопкинс, која го обвинува градоначалникот на Лондон за жртвите во градот.
„На Лондон му е потребен нов градоначалник што е можно побрзо. Кан е катастрофа - ќе стане уште полошо“, напиша Трамп.
Во својата објава Хопкинс напиша дека во период од 20 часа, две лица биле смртно прободени со нож, еден бил смртно застрелан и тројца други биле повредени во Лондон.
„Ова е Лондонистанот на Кан“, изјави таа, користејќи го овој термин за да наштети на угледот на големата муслиманска популација во главниот британски град.