Mustafa Talha Öztürk
06 Јули 2024•Ажурирај: 07 Јули 2024
БЕЛГРАД (АА) - Унгарскиот премиер не доби никаков мандат од Европскиот совет да ја посети Москва, изјави високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пренесува Анадолу.
Виктор Орбан пристигна во Москва вчера во мисија „посредник“ за Украина, изјави неговиот прес-секретар.
Орбан рече дека би сакал да ги убеди Украина и Русија за потребата „да поминат долг пат заедно, кој може да заврши со прекин на огнот и мировни преговори.“
Но, Борел рече дека „ставот на ЕУ за агресорската војна на Русија против Украина се огледува во многу заклучоци на Европскиот совет“.
„Тој став ги исклучува официјалните контакти меѓу ЕУ и претседателот Путин (Владимир заб.ав.). Затоа, унгарскиот премиер во ниедна форма не ја претставува ЕУ“, рече Борел.
Во соопштението се додава дека посетата на Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека „смирувањето нема да го запре Путин“.
„Само единството и решителноста ќе го отворат патот кон сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, рече Фон дер Лајен.
Унгарија, која се спротивстави на санкциите на ЕУ против Русија, во понеделникот го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ на шест месеци.