Mehmet Hatipoğlu
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
ЃУМУРЏИНА (АА) – Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жoзеф Борел, истакнa дека градењето на добри односи со Турција е во интерес и на Грција и на Европската Унија (ЕУ), рече: „Затоа треба да контактираме со Турција и повторно да изградиме доверба“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел, кој престојуваше во посета на Грција, заедно со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, го посети и регионот Еврос, близу турско-грчката граница.
Високиот претставник на ЕУ подоцна, на заедничката прес-конференција со Дендиас, изјави дека од водењето на добрососедски односи со Турција најголема корист би имала Грција.
„Грција има најмногу причини да има добри односи со Турција, затоа што на крајот мораме да бидеме добри соседи“, нагласи Борел.
Наведувајќи дека познати му се активностите на Турција во Егејот и Медитеранот, Борел рече дека двете земји може да утврдат агенда на заеднички интереси.
„Од спроведувањето на добрососедските односи со Турција најголема корист би имала Грција. Ако размислиме дека Европската Унија е формирана за добрососедски односи, подобро ќе разбереме колку е важно ова прашање. Треба да мислиме и на нашите интереси. Затоа треба да контактираме со Турција и повторно да изградиме доверба. Подобрувањето на односите и решавањето на актуелните проблеми е во интерес на ЕУ, Турција и Грција“, рече Борел.