Ekipa
04 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ГАЗА (АА) - Една од последиците на долгогодишната израелска окупација на Газа е енергетската криза во тоа палестинско подрачје, што особено негативно се одразува на здравствените институции, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на палестинското Министерство за здравство, Ашраф ал-Кудра соопшти дека утринава престанаа да работат три болници и три здравствени домови поради недостиг на гориво за агрегатите кои досега ги снабдуваа со електрична енергија.
„Во моментов имаме десет болници и медицински центри чии агрегати се исклучени“, се вели во соопштението.
Ресорниот палестински министер Јусуф Абу ал-Ријш, претходно предупреди дека здравствениот сектор во Газа се соочува со колапс поради недостатокот на енергетски ресурси и недостатокот на лекови, медицинска опрема и други ресурси.
Рестрикциите на електричната енергија во Газа во просек траат околу 20 часа на ден, а за месечна работа на агрегатите потребни се околу половина милион литри нафта.