Nour Mahd Ali Abu Aisha,Halime Afra Aksoy
14 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
ГАЗА (АА) – „Болницата на турско-палестинското пријателство“, изградена од Турција во Газа, ги чека Палестинците кои од граничниот премин „Рафа“ ќе се вратат во регионот и ќе бидат ставени во карантин, во согласност со мерките преземени против новиот тип на коронавирус, Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ешреф ал Кудра, портпаролот на Министерството за здравство во Газа, во изјавата за дописникот на АА нагласи: „Болницата на турско-палестинското пријателство“ е подготвена да ги прифати лицата кои повторно се враќаат во регионот и лицата кои имаат потреба од лекување.“
Истакнувајќи дека Министерството за здравство е подготвено да дава услуги на лицата кои ќе бидат сместени во карантин во болницата со здравствениот, административниот и техничкиот персонал, Кудра рече дека карантинот ќе трае 21 ден, но со одлука на релевантните институции периодот може да биде продолжен.
Кудра рече дека болницата е со капацитет од 180 легла и дека капацитетот може да се зголеми доколку за тоа има потреба.
- Палестинците ќе се вратат во Газа преку граничниот премин „Рафа“ -
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Ијад ал Бузум, најави дека граничниот премин „Рафа“ ќе биде отворен четири дена од понеделник, исклучиво за враќање на Палестинците од Египет.
Бузум исто така рече дека секој што ќе влезе во Газа ќе подлежи на 21 ден карантин поради Ковид-19.
„Болницата на турско-палестинското пријателство“, изградена од Турција во Газа, која се наоѓа под блокада на Израел, почна да дава услуги од 31 март, како дел од борбата против Ковид-19.
- Болницата пренесена на Палестинците за борба против коронавирусот -
Болницата, која е најголемиот медицински центар на Палестина изграден од страна на Турската меѓународна агенција за соработка и развој (ТИКА), по инструкциите на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, предаден е на палестинските власти за во рамките на борбата против коронавирусот да се користи како „привремена карантинска болница“.
- Изградбата беше завршена, и покрај тешките услови -
За време на посетата на Ердоган во Газа во 2010 година, тогаш како премиер на Турција, се разговарало за изградба на болница за обука и истражување во рамките на Исламскиот универзитет „Газа“.
По инструкциите на Ердоган, ТИКА во 2011 година започна со изградбата на „Болницата на турско-палестинското пријателство“ во Газа.
Изградбата на болницата, која започна да се гради на кампусот на Медицинскиот факултет при Исламскиот универзитет „Газа“, заврши во 2017 година поради ембаргото наметнато од Израел и ограничувањата на движењето на стоките и луѓето предизвикани од војните во Газа во 2012 и 2014 година.