Ekipa
15 Октомври 2017•Ажурирај: 16 Октомври 2017
СТРАЗБУР (АА) - Вицепремиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, изјави дека официјална Анкара нема намера да се повлече од процесот за пристапување кон Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agendy (AA).
„Турција е решена да продолжи со процесот на интеграција во ЕУ, без оглед на сите негативни трендови“, порача Боздаг во свето обраќање по повод поставувањето камен-темелник за повторна изградба на џамијата Султан Ејуб во Стразбур, која е една од најголемите џамии во Европа.

Организацијата Заедница на муслимани „Milli Gorus“ (IGMG) повторно ќе ја изгради џамијата Султан Ејуб во Стразбур, која ќе добие простор за образовни активности како и други содржини.
Истакнувајќи дека тоа ќе биде еден од симболите на Стразбур, Боздаг рече дека џамискиот комплекс ќе им биде од корист на сите луѓе во овој француски град, а не само на локалната муслиманска заедница.
Боздаг во своето обраќање пред присутните истакна дека Турција е земја која од 1960 година одлучно се бори да стане рамноправна членка на Европската Унија (ЕУ), и додаде дека Турција верува во заемната корист од овој процес и нема да се откаже од намерата, без оглед на тоа што другата страна постојано го менува расположението и правилата на игра.
Боздаг ја обвини Европската Унија дека кон Турција води дволична политика.
Тој порача дека светот мора заеднички да се бори против изворите на омраза и осветољубивост, а дека добар пример за оваа борба е изградбата на исламскиот центар и поддршката на претставниците од другите верски заедници.
„Луѓето кои сеат расизам со омраза кон исламот се болни луѓе. Тоа е како епидемија која им се заканува на европските вредности и против тоа мораме сите заедно да се бориме“, заклучи Боздаг.