ВАШИНГТОН (АА) – Спроведувањето на декретот за тримесечна забрана за визи и влез во САД за државјаните од 7 муслимански држави, кој американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша на 27 јануари, беше стопирано, а тоа го соочи новиот претседател со судскиот систем, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако федералниот судија на сојузната држава Вашингтон донесе одлука да се стопира спроведувањето на забраната за визи на државјаните од 7 муслимански држави, која беше донесена со декрет од страна на Трамп, спречени се плановите на новото раководството на САД.
Декретот насловен како „Заштита на нацијата од влегување на странски терористи во САД“, предвидува тримесечна забрана за влез во САД за државјаните од Сирија, Ирак, Иран, Јемен, Либија, Судан и Сомалија, а тоа предизвика сериозен хаос на аеродромите во државата на првиот ден откако беше потпишан.
Оваа одлука наиде на протести во повеќе градови во САД, на 29 јануари, а федералнaта судијка од Њујорк, Ен Донели ја запре процедурата за депортација на лицата кои влегле во државата, со образложение дека се кршат членовите од Уставот на САД во врска со еднаквост пред законот и правото на подеднаква заштита.
По одлуката на судијката Донели, на 30 јануари, обвинителот на државата Вашингтон, Роберт Фергусон и обвинителот на Минесота, Лори Свонсон поднесоа тужба и побараа декретот да биде суспендиран. Обвинителот Фергусон посочи на штетите од ваквиот декрет кон семејствата кои би биле разделени, а според него ова ќе нанесе штета и на народот од државата, работодавачите, образовните институции и на економијата.
- Федералниот судија Робарт го запре спроведувањето на одлуката -
Четири дена по тужбата на обвинителот Фергусон, на 3 февруари, федералниот судија на државата Вашингтон, Џејмс Робарт донесе одлука да се запре спроведувањето на декретот на ниво на САД, со цел тој детално да се преиспита.
Најпрво судијата Робарт наиде на коментарот на Трамп дека тој е „т.н. судија“, по што беше остро критикуван од страна на раководството.
По поднесените кривични пријави во Вашингтон и Минесота, на иницијатива на повеќе невладини организации, против декретот се поднесени повеќе од 50 тужби.
На 4 февруари, Министерството за надворешни работи на САД врз основа на судската одлука обелодени дека ќе продолжи издавањето на визи и оти нема да бидат поништени веќе издадените визи. По ова, Министерството за внатрешна безбедност изјави дека е запрено спроведувањето на декретот.
- Одбиена жалбата на министерството -
Министерството за правда на САД истиот ден пред Апелациониот суд ја обжали одлуката на судијата Робарт. Меѓутоа, по многу кратко време, Апелациониот суд ја одби жалбата. Судот соопшти дека ќе ја разгледа одлуката на судијата Робарт.
По ова, адвокатите на Министерството за правда на 6 февруари поднесоа писмена одбрана во врска со декретот пред Апелациониот суд.
Се очекува во претстојните денови, Апелациониот суд да ја прими и усната одбрана на адвокатите од Министерството за правда.
- Можно е одлуката да стигне и пред Врховен суд -
Доколку судот одлучи за стопирање на имплементацијата на декретот, можно е раководството на Трамп оваа тема да ја изнесе пред Врховниот суд.
Изјавата на Трамп дека ќе ги искористи сите правни патишта за повторно спроведување на забраната за визи, во главниот град Вашингтон беше перципирана како директно посочување кон Врховниот суд.
Врховниот суд го сочинуваат 8 члена, од кои 4 либерали и 4 конзервативци, додека пак, судијата Неил Горсуч, кој беше именуван од Трамп на местото на Антонин Скалиа, бидејќи сѐ уште не е верификуван од страна на Сенатот, нема да има право на глас. Поради тоа што состојбата е 4 на 4 членови во судот, процесот може да заглави.
- Повлечена одлуката за поништените визи -
Околу 60.000 лица, граѓани на 7-те земји чиишто визи беа поништени во првата недела од донесувањето на декретот, ќе треба повторно да поднесат барање.
Меѓутоа, Министерството за надворешни работи, по донесената одлука за стопирање на декретот соопшти дека поништените визи се повторно активирани и оти носителите на визите ќе може да ги уживаат своите права.
Министерството за внатрешна безбедност во врска со оние што престојуваат во САД врз основа на Зелена карта изјави дека овие лица не се директно подложени на забраната и оти сите сопственици на Зелена карта ќе бидат проверувани одделно и ќе можат да влезат во државата.
news_share_descriptionsubscription_contact
