Servet Günerigök
09 Јули 2021•Ажурирај: 10 Јули 2021
ВАШИНГТОН
Уште четири жртви беа извлечени од местото на делумно урнатата зграда во Флорида, САД, со што бројот на загинати достигна 64, изјави градоначалничката на округот Мајами-Дејд, Даниела Левин Кава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 200 станари се детектирани, додека за 76 не се знае каде се наоѓаат две недели по делумниот колапс на зградата со апартмани во Мајами Бич, Сурфсајд.
Градоначалничката претходно објави дека напорите за пребарување и спасување преминале во операција за расчистување на урнатините, што официјално започнала на полноќ.
„Нашиот најголем приоритет уште од првиот ден беше да сториме сѐ што е можно во потрагата по преживеани“, рече таа. „Да се соопшти ваква вест на семејствата чии најблиски сè уште се водат за исчезнати, беше поразително.“
Во неделата, со контролирано рушење е срушена и другата половина од зградата, а тоа им даде можност на службите дневно да наоѓаат повеќе тела.
Живо од под урнатините беше извлечено само едно лице, и тоа во часовите веднаш по уривањето.
Истражителите продолжуваат да ги разгледуваат структурните недостатоци како можна причина за уривањето на зградата.

- Одеднаш се урна половина од зградата со 270 луксузни стана
Северно од Мајами Бич, во местото Сурфсајд, со население од околу 5.600 жители, одеднаш на 24 јуни се сруши дел од 13-катната луксузна зграда „Чемплејн“ со 270 стана.
Официјалните претставници на Сурфсајд во преписката со управата на зградата во 2018 година посочиле дека зградата што е изградена во 1981 година има големи структурни оштетувања, информирајќи дека се потребни приближно 9 милиони долари за поправка на испуканите столбови и бетонот што се распаѓа.
Поради тропскиот циклон Елза што се приближува кон Флорида, со образложение дека не е безбедна, на 4 јули во 22:30 часот по локално време на контролиран начин беше срушен преостанатиот јужен дел од зградата.