Dilara Zengin
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) – Кинеската компанија „Бајтденс“ („ByteDance“), сопственик на апликацијата „ТикТок“, го извести „Мајкрософт“ дека нема да го продава делот на ТикТок што работи во САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Откако американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека времето дадено на „ТикТок“ да се продаде на американска компанија нема да биде продолжено, пристигна изјава од „Мајкрософт“, кој преговараше за да го добие американскиот пазар на апликацијата.
Во изјавата дадена од „Мајкрософт“, соопштено е дека „Бајтденс“ ја известил компанијата дека „ТикТок“ нема да ѝ го продаде бизнисот во САД на компанијата „Мајкрософт“.
„Покрај тоа што ќе ги штитевме интересите на националната безбедност, бевме сигурни дека нашата понуда ќе беше добра за корисниците на ‘ТикТок‘“, се вели во соопштението на „Мајкрософт“.
Од друга страна, „Волстрит џурнал“ во веста, која се базира на анонимни извори, напиша дека кинеската „Бајтденс“ за американскиот бизнис на „ТикТок“ се договорила со корпорацијата „Оракл“ („Oracle“).
Во веста исто така се наведува дека зделката веројатно нема да биде направена како директна продажба.
Американскиот претседател Трамп истакна дека мобилните апликации, кои се развиени и во сопственост на кинески компании, ја загрозуваат националната безбедност на САД, надворешната политика и економијата.
„Ќе го затвориме ‘ТикТок‘ на 15 септември, освен ако не се продаде на Мајкрософт или на друга компанија“, нагласи Трамп.