Selçuk Acar
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
ЊУЈОРК (АА) - „Салвадор мунди“, последната слика на италијанскиот уметник Леонардо да Винчи, чија вредност се проценува на околу 100 милиони долари, ќе биде понудена на аукција во ноември во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
Сликата пред аукцијата ќе биде изложена во Хонг Конг, Сан Франциско, Лондон и во Њујорк. Називот на сликата „Салвадор мунди“, што во превод значи „Спасител на светот“, го претставува Исус како спасител на светот. Станува збор за уметничко дело кое настанало во 1500 година и се смета за исклучително дело коешто досега било дел од приватна колекција. На сликата е претставен Исус, облечен во наметка во сина и црвена боја, а во едната рака држи кристална кугла.
До денес се сочувани околу 20 дела на Да Винчи, кои се наоѓаат во музеи или во колекции на институциите. Последна од нив е „Салвадор мунди“, која беше во сопственост на лице чиј идентитет претставниците на галеријата „Christie's“ (Кристис) не сакаа да го откријат. Меѓутоа, познато е дека се работи за колекционер од Европа.
Леонардо да Винчи беше италијански сликар, архитект, скулптор, мислител, математичар и инженер. Неговите дела „Последната вечера“ и „Мона Лиза“ се меѓу најпопуларните и највлијателни слики на ренесансата.