Mustafa Deveci
27 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху убедливо победи на внатрепартиските избори за претседател на владејачката партија Ликуд, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во Израел вчера се одржаа внатрепартиски избори за челник на Ликуд, а на стотина избирачки места гласаа речиси половина од 116.000 членови на партијата со право на глас.
Според прелиминарните резултати, Нетанјаху освои убедливи 72,5 отсто од гласовите, додека неговиот единствен опонент, парламентарецот Гидеон Саар, освои 27,5 отсто од гласовите.
Нетанјаху на Твитер им се заблагодари на гласачите за довербата и им вети дека ќе работи вредно за партијата Ликуд да освои голема победа на предвремените избори во Израел кои ќе се одржат на 2 март следната година.
Поразениот Саар исто така им се заблагодари и на гласачите и повика на единство во партијата пред претстојните избори.
Нетанјаху за претседател на Ликуд првпат беше избран во 1993 година, и на таа функција се задржа до 1999 година кога фотелјата мораше да му ја предаде на Ариел Шарон. Нетанјаху повторно во фотелјата на Ликуд седна во 2005 година и до денес немаше посериозен противкандидат во партијата која во 1973 година се формираше како сојуз на неколку конзервативни и либерални партии.