Mehmet Nuri Uçar
09 Февруари 2024•Ажурирај: 10 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 21 Палестинец се убиени, а десетици се ранети во нападите на израелската војска врз окупираниот и блокиран Појас Газа, известува Анадолу.
Палестинската официјална новинска агенција ВАФА објави дека израелски авиони во текот на ноќта ги бомбардирале градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа и подрачјата во Деит ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Во израелските напади врз населбите во Рафа и Деир ал-Балах убиени се најмалку осуммина Палестинци, од кои три деца, а голем број се повредени.
Најмалку петмина Палестинци се убиени, а неколкумина се повредени во израелскиот напад на градинка во регионот Ал Завајида во централниот дел на Појасот Газа во која се засолниле раселените.
Мртвите и повредените се пренесени во болницата Ал Акса во Деир ал-Балах.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.840 Палестинци, од кои 12.000 деца и 8.190 жени, а ранети се повеќе од 67.317 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа се интерно раселени и се соочуваат со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.