Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
18 Јануари 2024•Ажурирај: 19 Јануари 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелскиот крајно десничарски министер за национална безбедност, Бен Гвир, денес повторно повика на иселување на Палестинците од Појасот Газа, пренесува Анадолу.
„По војната мора да останеме во Појасот Газа, да го контролираме и да поттикнуваме доброволна миграција на стотици илјади жители на Газа“, рече Бен Гвир за израелскиот јавен сервис КАН.
Министерот од редовите на крајната десница го повтори своето противење на повлекувањето на силите на израелската војска од северните делови на Појасот Газа.
„Ракети се исфрлаат од подрачјата од кои се повлекува војската“, тврди израелскиот министер.
Неколку тврдокорни официјални претстаници во Владата на Бенјамин Нетанјаху, меѓу кои и Бен Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич, повикаа на охрабрување за „доброволна миграција“ на Палестинците од Појасот Газа.
Претходно овие повици наидоа на остри критики од западните земји, вклучително и САД, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Холандија, Словенија и Европската Унија.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 24.620 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 61.830 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Газа е интерно раселено поради акутниот недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60% од инфраструктурата се оштетени или уништени.