Seda Sevencan
27 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
ВАРШАВА (AA) - Претседателот на САД, Џо Бајден, вчера руската војна против Украина ја нарече „стратешки неуспех“ на Москва, известува Агенција Анадолија (АА).
„И покрај бруталноста на Владимир Путин, нема сомневање дека оваа војна веќе е стратешки неуспех за Русија“, рече Бајден во своето обраќање во Варшава, главниот град на Полска, која се граничи со Украина.
Откако претходно го нарече Путин „крвник“, Бајден во текот на дводневната посета на Полска предвиде дека војната на Русија ќе заврши со пораз.
„Украина во никој случај нема да биде победа за Русија, бидејќи луѓето одбија да живеат во свет на безнадежност и темнина. Ние ќе имаме поинаква иднина, посветла, базирана на демократија и принципи, надеж, достоинство, слобода и можности“, нагласи Бајден.
Русија на 24 февруари започна војна во Украина што предизвика гнев кај меѓународната заедница. Членките на Европската Унија, САД и Велика Британија се само некои од многуте земји што воведоа санкции кон Москва.
Во Украина загинаа најмалку 1.104 цивили, а 1.754 се ранети, според податоците на ОН, со тоа што реалните бројки би можеле да бидат многу поголеми.
Повеќе од 3,7 милиони Украинци избегаа во соседните земји, додека низ цела Украина се раселени над 6,5 милиони лица, покажуваат податоците на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (UNHCR).