Ayşe Doğru
28 Јануари 2022•Ажурирај: 29 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден упатил предупредување дека Русија може да ја нападне Украина во февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), Емили Хорн, портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, изјавила дека претседателот Бајден во телефонскиот разговор со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, рекол дека постои реална можност Русија да ја нападне Украина следниот месец.
„Претседателот го кажа тоа многу јасно, а и ние предупредуваме за тоа со месеци“, рече Хорн.
- Украина наводно не била задоволна од разговорот –
Од друга страна, се тврди дека украинската администрација се пожалила дека разговорит на Бајден со Зеленски „не поминал добро“.
Според веста на „Си-ен-ен“ (CNN), висок украински функционер изјавил дека разговорот не се одвивал добро бидејќи страните не можеле да се договорат за нивото на ризик од евентуален руски напад.
Украинскиот функционер рекол дека на предупредувањето на Бајден дека руски напад е неизбежен, Зеленски го повторил својот став дека „заканата од Русија е опасна, но неизвесна“ и дека „не е сигурно дека ќе се изврши напад“.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Бајден за време на разговорот пренел дека во случај Русија да ја окупира Украина, САД се подготвени одлучно да одговорат со своите партнери и сојузници.
– Повик Кина да го искористи своето влијание кон Русија –
Aмериканската државна потсекретарка Викторија Нуланд за новинарите изјави дека САД ја повикале Кина да го искористи своето влијание за да ја разубеди Русија во врска со инвазијата на Украина.
„Го повикуваме Пекинг да го искористи своето влијание врз Москва и да ја охрабри дипломатијата бидејќи конфликтот во Украина не би бил добар ниту за Кина“, изјави Нуланд.
Истакнувајќи дека Вашингтон е сигурен дека доколку Русија ја нападне Украина, тогаш Германија нема да го отвори проектот со гасоводот „Северен тек 2“ со оваа земја, Нуланд продолжи со зборовите: „Мислам дека изјавите дадени од Берлин се многу, многу силни. Ќе работиме со Германија за да бидеме сигурни дека проектот не напредува.“