Seyit Ahmet Aytaç
08 Јануари 2018•Ажурирај: 08 Јануари 2018
ЕРБИЛ (АА) - Премиерот на Регионалната курдска управа во северен Ирак, Нeчирван Барзани, денес изјави дека постои желба за повторно воспоставување на добри односи со Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Каналите за дијалог меѓу двете страни се секогаш отворени. Се надеваме дека ќе се состанеме со официјалните претставници во Турција. Сепак, распоредот сè уште не е финализиран“, рече Барзани во Ербил, административниот главен град на Регионалната курдска управа во северен Ирак.
„Сакаме повторно да воспоставиме добри односи со Турција. Турција е важна земја за Регионалната курдска управа во северен Ирак“, истакна тој.
Односите меѓу Анкара и Ербил се на ниско ниво по нелегитимниот референдум за независност.
Премиерот Барзани нагласи дека Регионалната курдска управа во северен Ирак, исто така, се надева дека ќе започне „безусловни преговори“ со Багдад за решавање на меѓусебните големи разлики.
„Одлуката да се започне истрага од страна на ирачкиот Парламент за настаните кои се случија во подрачјето на Туз Курмат, претставува добар развој“, рече Барзани.
Туз Курмат е претежно туркменски град во северната покраина Салахадин кој беше преземан од страна на ирачките сили во октомври, по повлекувањето на курдските сили Пешмерга, како резултат на тензиите поради спорниот референдум за независност.
Барзани изјави дека преговорите за назначување на нов гувернер на Киркук се во тек.
Во пресрет на нелегитимниот референдум, федералните сили влегоа во неколку делови на Ирак кои беа предмет на спор помеѓу Багдад и Регионалната курдска управа во северен Ирак, вклучувајќи ја и покраината Киркук, која е богата со нафта.