Sümeyye Dilara Dinçer,Gamze Türkoğlu Oğuz
23 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
АНКАРА
Во пожарот што вчера го зафати кампот во кој се сместени Рохинџа бегалците во Бангладеш загинаа најмалку 15 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претставникот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (UNHCR) за Бангладеш, Јоханес ван дер Клаув, изјави дека во пожарот се повредени 560 бегалци што престојувале во кампот, додека 400 се водат како исчезнати.
Клаув изјави дека најмалку 10.000 шатори се претвориле во пепел и додаде дека најмалку 45.000 бегалци останале без покрив над главата.
Напоменувајќи дека вакви пожари не се случувале претходно во кампот во Бангладеш, Клаув истакна дека станува збор за голем и уништувачки пожар, кој, меѓу останатото, уништил клиники и дистрибутивни центри.
Клаув изјави дека хуманитарните акции по пожарот се водат во соработка со Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и дека помошта првенствено ќе им биде пружена на најзагрозените бегалци, односно на жените и децата.
Властите на Бангладеш започнаа истрага за пожарот, чија причина сè уште не е утврдена.
Обединетите нации претходно го опишаа муслиманското малцинство Рохинџи во Мјанмар како најпрогонети луѓе на светот, а според податоците на „Амнести интернешнал“ повеќе од 750.000 Рохинџи побегнале во Бангладеш во екот на репресивните акции што мјанмарската Војска ги изврши во август 2017 година.
Во извештајот на Меѓународната развојна агенција Онтарио (OIDA) се наведува дека во тој период се убиени речиси 24.000 Рохинџа муслимани, но и дека повеќе од 34.000 припадници на таа заедница биле запалени на клада.