ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, истакна дека Турција на многу дарежлив начин се грижи за три милиони сириски бегалци. Генералниот секретар Бан, пред одржувањето на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул, одговараше на прашањата на дописникот на АА поврзани со Самитот, бегалската криза и проблемите на Средниот Исток.
„Очигледна е големата одговорност која врз себе ја презедоа Турција и останатите соседни држави со згрижувањето на бегалците од Сирија и овие држави заслужуваат поголема поддршка од меѓународната заедница.“
Бан потсети на ветувањето за овозможување одржлив развој со агендата 2030 „никој да не се заборави“ и додаде: „Светскиот хуманитарен самит кој ќе се одржи во Истанбул ќе допринесе за забрзување на процесот за испорака на помошта до милионите луѓе на кои им е потребна, како од политички така и од хуманитарен аспект.“
Минувајќи низ многу критичен период, кога во светот се случуваат голем број вооружени судири и природни катастрофи, Бан истакна дека најмалку 130 милиони луѓе дневно имаат потреба од помош, од кои 60 милиони се раселените бегалци.
„Турција на многу дарежлив начин се грижи за 3-те милиони сириски бегалци. Денеска бројот на луѓето кои имаат потреба од хуманитарна помош е во постојан пораст и ОН веќе не е во можност тоа да го одржува и управува. Мораме да им обезбедиме помош на луѓето кои имаат потреба од неа, но несоодветни се ресурсите и одговорот на меѓународната заедница за решавање на проблемот. Потребна ни е поголема заложба на политичките лидери. Тоа е и целта на овој Самит. Учество ќе земат повеќе од 170 земји. На самитот ќе присуствуваат над 60 претседатели на држави и влади.“
Генералниот секретар Бан соопшти дека ги посетил камповите во Турција, Јордан и Либија, во кои се сместени милиони луѓе кои страдаат поради кризата за која тие не се причина.
„Овој проблем го создадоа политичките лидери во Сирија“, истакна Бан.
Во решавањето на кризата во преден план треба да излезе сочувството и солидарноста, рече Бан.
„Турција и ЕУ имаат склучено договор околу потешкотиите со кои се среќава Турција во згрижувањето на 3-те милиони бегалци. Искрено посакувам спроведување на овој договор. Најважно е изнаоѓање на политичко решение преку дијалог за проблемот во Сирија. Соработуваме со Меѓународната група за поддршка на Сирија и се обидуваме тоа да се обезбеди.“
- „Турција има знаење, искуство и традиција во борбата со хуманитарни кризи“ -
Генералниот секретар Бан соопшти дека на Самиот ќе присуствуваат повеќе од 6.000 учесници, покрај претставници на владите, учество ќе земат и претставници од приватниот сектор и водачите на невладините организации за создавање на синергија во борбата за изнаоѓање на решение за најголемата светска криза по Втората светска војна.
Бан истакна дека ќе биде предводник на Самитот, каде важно место ќе заземе изнаоѓањето на решенија за брза испорака на хуманитарна помош во соодветните области и исполнување на потребите на загрозените.
Зборувајќи за одлуката Турција да биде домаќин на состанокот, Бан изјави: „Турција има стратешко место во срцето на коридорот Европа, Азија и Среден Исток.
Истанбул е на погодна локација со добро развиена инфраструктура која на градот му дава значајна предност во изборот за одржување на настан од ова ниво. Турција има искуство и традиција во справувањето со природните катастрофи и успешното згрижување на повеќе од 3 милиони бегалци.
- „Турција и останатите земји заслужуваат поголема помош“ -
Бан Ки-мун истакнувајќи ја жртвата која што денеска ја прават Турција, Јордан и Либија згрижувајќи ги бегалците изјави: „Очигледна е големата одговорност која врз себе ја презедоа Турција и останатите комшиски држави со згрижувањето на бегалците од Сирија и овие држави заслужуваат поголема поддршка од меѓународната заедница. Сиријците ја губат надежта за задоволување на потребите на нивните семејства и обезбедување на школување на сопствените деца во овој петгодишен период на судири во Сирија. Имаме потреба од солидарност на глобално ниво.“
Генералниот секретар Бан посакувајќи земјите да се соберат во име на хуманоста соопшти:
„Државите со поголема финансиска донација и прифаќање на поголем број на бегалци во своите земји ќе дадат поддршка во решавањето на проблемот. Ги повикувам сите народи да прифатат поголем број на бегалци. Доколку правилно се управува, прифаќањето на бегалци ќе биде од голема корист за сите. Потребно е да се даде поголемо внимание во обуката на бегалците за да можат да застанат на сопствени нозе. Тоа може да донесе нови вештини и динамика на старата работна сила. Ги повикувам лидерите во борбата со ксенофобијата, да се борат со вистинските информации.“
- „Нападите насочени кон цивилите се неоправдани“ -
Генералниот секретар Бан истакна дека ги вложуваат сите напори за политичко решение на војната во Сирија, но дека изнаоѓањето на решението за проблемот е многу тешко.
Бан соопшти дека со помош на специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура се обидуваат да изнајдат решение.
„Решение за проблемот во Сирија е возможен доколу Советот за безбедност на ОН и Меѓународната група за поддршка на Сирија ја добијат потребната поддршка. Се надевам дека ќе биде пронајдено дипломатско решение.“
На прашањето во врска со нападите во Сирија насочени кон цивилите, болниците, училиштата и пазарите, Бан одговори: „Ги осудувам овие напади. Нападите врз цивили претставува кршење на меѓународното право и истите се неоправдани. Извршителите на овие злосторства мора да бидат повикани на одговорност.“
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, ги повика завојуваните страни во Сирија да го спроведат договорениот прекин на огнот.
„Ги повикувам Меѓународната група за поддршка на Сирија, а особено САД и Русија да извршат притисок врз завојуваните страни за прекин на судирите и да обезбедат веродостојна истрага за нападите врз болницата Ерусалим и слични места. Завојуваните страни во Сирија треба да се фокусираат на политичкиот процес, наместо на бомбардирање цивилни области“, изјави Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
news_share_descriptionsubscription_contact
