Tufan Aktaş
02 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Африканските земји во Обединетите нации (ОН) реагираа на дискриминацијата кон Африканците кои се обидуваат да ја напуштат Украина, која е нападната од Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На специјалната сесија за вонредни состојби во врска со ситуацијата во Украина што се одржа во седиштето на ОН во Њујорк, свое обраќање имаше Мартин Кимани, постојаниот претставник на Кенија во ОН, кој рече дека жали за неуспехот на Советот за безбедност на ОН (СБОН) да воспостави меѓународен мир и безбедност.
Кимани истакна дека на СБОН му е потребна итна реформа бидејќи не може да најде решенија за светските проблеми.
Изјавувајќи дека Африканците биле потиснати во задните редови на возовите и автобусите и биле изложени на расизам додека се обидувале да избегаат, Кимани го изрази своето незадоволство поради фактот што меѓународните медиуми ги прикажуваат насилството и војната како нешто уникатно само за јужните земји.
Остро осудувајќи го ваквото однесување, Кимани нагласи дека овие расистички практики се потврдени и од некои африкански држави.
Мишел Ксавиер Бјанг, постојаниот претставник на Габон во ОН, повика на еднаков третман за сите луѓе при тешки ситуации во регионот.
„Ги повикуваме сите држави да го почитуваат меѓународното право и да им дадат иста поддршка на сите оние кои бегаат од војна, без разлика на нивниот расен идентитет“, соопшти вчера Африканската Унија (AfB).
По рускиот напад, голем број земји ги прекинаа летовите за Украина од безбедносни причини, што доведе бројни странци и украински државјани да се насочат кон копнените гранични премини со соседните земји.
Со желба да ја напуштат Украина, луѓето се обидуваат по копнен пат да стигнат до Полска, Словачка, Унгарија и Романија и Молдавија кои се наоѓаат југозападно од Украина.
Африканците, од кои повеќето се студенти, наведуваат дека се соочуваат со расизам на граничните премини поради нивната боја на кожа.