Gökhan Kavak
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
ИСТАНБУЛ (АА)
- Ѓокхан КАВАК
Африкански академици и историчари истакнаа дека односите на Турција со африканските земји се засноваат на хуманост, братство и меѓусебна соработка и партнерство, за разлика од односите воспоставени со западните големи сили.
Третиот Самит Турција - Африка ќе се одржи во Истанбул од 16 до 18 декември. Првиот се одржа во Истанбул во 2008 година, а вториот во 2014 година во Малабо, главниот град на Екваторска Гвинеја.
На третиот Самит за партнерство Турција - Африка ќе присуствуваат шефови на држави, министри и претставници од меѓународни институции од африканските земји.
Африканските академици и историчари во изјавата за Агенција Анадолија (АА) го привлекоа вниманието на фактот дека односите на Турција со континенталните земји се многу различни од оние што ги воспоставија западните сили.
Историчарот Асад Буглах од Маврициус рече: „Односите на Турција со африканските земји се засноваат на хуманост, братство и меѓусебна соработка и партнерство.“
Посочувајќи дека односите на Турција се разликуваат од односите на другите земји што имаат колонијална историја на континентот, Буглах нагласи дека овие односи се поразлични од едностраните односи наметнати од западните сили со колонијална историја во Африка.
„Поранешните колонијални сили ги искористија ресурсите и суровините на континентот за да се зајакнат себеси. Турција, од друга страна, е хумана и се стреми африканските народи да ги користат сопствените ресурси и својата судбина да ја земат во свои раце“, нагласи Буглах.
Нагласувајќи дека третиот Самит Турција - Африка ќе има многу важно место во развојот на односите, Буглах рече: „Овој самит е платформа на највисоко ниво за дијалог. Со овој самит Турција ќе може да ги разбере реалните потреби и намерите на африканскиот народ.“
- Турција е индустријализирана модерна земја
Истакнувајќи ја потребата да се продолжи со помошта во здравството, образованието, соларната енергија, бунарите за вода и поддршката со храна низ целиот континент, Буглах рече дека во овој момент многу важно значење имаат напорите на организациите со седиште во Турција, како што е Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Турската фондација „Маариф“ (TMV).
„Турција ја гледаме како индустриска модерна земја. Во овој момент, таа може да придонесе за развојот на африканските земји. Турција треба да продолжи со инвестиции што придонесуваат за олеснување на условите за живот во Африка наместо поголеми проекти“, рече Буглах.
Тој, исто така, додаде:
„Турција го потпиша Договорот за слободна трговија во Супсахарска Африка само со Маврициус. Овој договор ќе придонесе за зголемување на односите. Од друга страна, Самитот Турција - Африка ќе ги поддржи и односите на Турција со африканските земји.“
- Турција има поголем престиж од западните земји
Д-р Абдулкадир Сулејман Мухамед, нигериски академик од Универзитетот „Абуџа“, пак, се осврна на зголемените односи на Турција со африканските земји во последните години.
Истакнувајќи дека Турција ги подобрила односите со африканските земји на политичко, економско, па дури и воено поле, Сулејман Мухамед рече дека бројот на амбасади е зголемен на 43 и дека „Туркиш ерлајнс“ (THY) лета во многу земји.
„Чекорите што Турција ги направи во Африка и односите што ги воспостави, може да видиме дека се многу поразлични од пристапите на другите земји како што се Франција, Англија и САД“, додаде Сулејман Мухамед.
Меѓу другото, Мухамед нагласи: „Западните сили долги години ги поддржуваа диктаторите, нивното тајно вооружување, економските интереси и политиката на поделби, тоа му нанесе повеќе штета отколку корист на континентот. Турција има поголема репутација од овие земји.“
Нагласувајќи дека со третиот Самит односите на Турција со Африка ќе се подобрат во многу области, д-р Мухамед рече: „Турција е стратешки партнер на Африканската унија (AfB), директните инвестиции на Турција достигнаа 6,5 милијарди долари. Турските компании исто така работат во многу делови на континентот, особено во градежништвото.“