АНКАРА (АА) – На многу лидери поради различни причини им е извршен атентат, меѓу кои се и американскиот претседател Џон Кенеди, пакистанската премиерка Беназир Буто и израелскиот премиер Јицак Рабин, пишува Агенција Анадолија (АА).
Влијателниот јапонски политичар и поранешен премиер Шинзо Абе почина од повредите здобиени откако беше застрелан на настан на изборна кампања.
Останува нејасно дали атентатот на Абе е политички или верски мотивиран.
- Џон Ф. Кенеди -
35-тиот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди, беше убиен на 22 ноември 1963 година во Далас, Тексас.
Ли Харви Освалд, наводниот атентатор, беше застрелан од Џек Руби, сопственик на ноќен клуб во Далас.
И покрај 59 години колку што поминаа оттогаш, атентатот на Кенеди сè уште е предмет на широка дебата.
- Кралот Фајсал -
Фајсал бин Абдулазиз ал Сауд, кој беше крал на Саудиска Арабија во периодот од 1964 година до неговиот атентат на 25 март 1975 година, спроведе серија реформи во својата земја.
Тој овозможи отворање телевизии и училишта за девојчиња.
Одигра важна улога во ембаргото на нафта што ја предизвика нафтената криза во 1973 година.
Фајсал (68) беше застрелан и убиен од својот 30-годишен внук принцот Фајсал бин Мусаид бин Абдулазиз ал Сауд во Кралската палата во Ријад.
- Парк Чунг-хи
Претседателот Парк Чунг-хи, кој ја презеде власта со воен удар во Јужна Кореја во 1961 година, беше застрелан во ресторан од неговиот пријател Ким Џае Кју, челникот на Корејската централна разузнавачка агенција, на 26 октомври 1979 година.
Се вели дека откако ја презел контролата врз Јужна Кореја, Чунг-хи владеел со железна тупаница. Ким тврдеше дека го убил претседателот за да ја врати демократијата во земјата.
- Мухамед Анвар Садат -
Египетскиот претседател Анвар Садат беше убиен во 1981 година од членови на египетскиот Исламски џихад по неговото контроверзно потпишување на мировниот договор со Израел во 1979 година.
Во 1970 година, Садат дојде на власт по смртта на Абдел-Насер.
Садат беше опишуван од Египќаните како креатор на мирот откако ја водеше земјата во текот на војната против Израел во 1973 година.
- Индира Ганди -
Индира Ганди, првата и единствена жена премиер на Индија, е меѓу светските лидери на кои им е извршен атентат.
Ганди беше застрелана од двајца нејзини телохранители Сики на 31 октомври 1984 година, под образложение дека наредила воена рација на Златниот храм, најсветото светилиште на Сиките.
Убиството доведе до немири против Сиките во 1984 година, во кои загинаа илјадници Сики во Индија.
- Олоф Палме -
Олоф Палме беше чест критичар на надворешната политика на САД, на Советскиот Сојуз, како и на режимот на апартхејдот во Јужна Африка.
Палме беше застрелан во грбот на 28 февруари 1986 година, откако го напушти киното во Стокхолм со неговата сопруга.
Случајот привлече внимание, меѓу другото, поради излегувањето во јавност на шведските политичари без обезбедување.
Откако го застрелал Палме, убиецот побегнал со оружјето. Случајот остана мистерија иако беа испитани над 10.000 лица, а над 130 презедоа одговорност.
- Јицак Рабин -
Израелскиот премиер Јицак Рабин беше убиен на 4 ноември 1995 година, поради тоа што водеше мировни преговори со Палестинците. Тој беше убиен од десничарскиот израелски радикал Јигал Амир.
Договорот од Осло од 1993 година што Рабин го потпиша имаше за цел да постави основа за мировни разговори.
Улогата на Рабин во разговорите му ја донесе Нобеловата награда за мир заедно со палестинскиот лидер Јасер Арафат.
По убиството на Рабин, можноста за дводржавно решение за палестинско-израелското прашање стана уште потешка.
- Рафик Харири -
Атентатот на поранешниот премиер Рафик Харири, познат како политичарот кој го обнови Либан, длабоко влијаеше на текот на случувањата во земјата.
Харири, кој дојде на власт во 1992 година по војната и ја водеше обновата за да ги избрише трагите од војната, како и да даде сериозен придонес за крај на 15-годишната граѓанска војна во земјата, беше убиен на 14 февруари 2005 година во Бејрут.
Либан стана поларизиран по атентатот, а политичката неизвесност длабоко ја погоди земјата.
Државата, во која доминира политичката нестабилност, моментално ја доживува една од најголемите економски кризи во својата историја.
- Беназир Буто -
Беназир Буто беше убиена во терористички напад по обраќањето на митинг во историскиот парк Лиакат во Равалпинди во декември 2007 година.
Буто беше првата жена шеф на државата избрана во земја со муслиманско мнозинство во 1988 година.
Буто, која беше разрешена од функцијата, на која беше две години, поради обвинувања за корупција, стана премиер во 1993 година по втор пат.
Беназир Буто, која три години подоцна беше тргната од функцијата по втор пат под слични обвинувања, доброволно го напушти Пакистан во 1999 година и не се врати до 2007 година.
Нејзината партија победи на изборите во 2008 година, а нејзиниот вдовец Асиф Зардари и потпретседателот на партијата Сиед Јусаф Раза Гилани станаа претседател, односно премиер на земјата.
- Џовенел Мојс -
53-годишниот претседател на Хаити, Џовенел Мојс, беше убиен на 7 јули 2021 година во напад врз неговиот дом од вооружени лица. Повредена беше неговата сопруга.
Најмалку 40 лица беа приведени во врска со атентатот, кој и понатаму останува мистерија, и ниту едно лице не е официјално обвинето.
- Обиди за атентати врз турски политичари -
Многу политички лидери во Турција, исто така, беа цел на обиди за атентат.
Обиди за атентат имаше од страна на кипарски Грк врз поранешниот премиер Булент Еџевит, вклучително и еден обид на 23 јули 1976 година, во САД.
Друг обид за атентат што го преживеа Еџевит се случи на 29 мај 1977 година на аеродромот Чигли во Измир.
Во меѓувреме, премиерот Тургут Озал беше нападнат од Картал Демираг за време на говорот на конгресот на неговата партија во Анкара на 18 јуни 1988 година.
Озал, кој беше повреден во прстот, го заврши говорот со повторно стапување на бината по обидот.