Ekipa
25 Февруари 2018•Ажурирај: 26 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за 30-дневно хуманитарно примирје во Сирија, извршија напади врз Источна Гута, Идлиб и Хама, јавува Аnadolu Agency (AA).
Според извори од Цивилната заштита, режимот на Асад од раните утрински часови извршил воздушни напади врз 8 подрачја во Источна Гута и покрај едномесечното хуманитарно примирје во Сирија.
Силите на режимот во утринските часови спровеле воздушни и копнени напади во подрачјата на Дума, Хареста, Шифоније и Кефер Батна, Хамурије, Сакба, Бејт Сава и Мерџ, кои ѝ припаѓаат на Источна Гута.
Според првичните информации во артилериските напади врз Хамурије животот го загубила една жена.
Репортерите на АА во Идлиб и Хама јавија дека силите на режимот извеле напад врз цивилните подрачја Џиср еш-Шугур и Кефер Зита во Хама.
Вчера, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција за 30-дневно примирје во рамките на кое ќе биде овозможена достава на хуманитарна помош и медицинска евакуација.
Во резолуцијата, од сите страни во Сирија е побарано судирите да запрат на период од најмалку 30 дена со цел хуманитарната помош безбедно и непречено да се достави ширум земјата, а ранетите и болните лица во тешка состојба да бидат евакуирани.