Tevfik Durul
20 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ПЕКИНГ (АА) - Кинеските археолози пронајдоа изгубено богатство во бродови, кои беа откриени на дното од река во кинеската провинција Сечуан, југозападна Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Институтот за археолошки истражувања, Гао Далун, вели дека од дното на реката се извадени повеќе од 10.000 предмети, а се работи за златници, сребрени и бронзени предмети, скапоцени камења, како и голем број мечеви, ножеви и други оружја и алатки.
Археолошкиот локалитет се наоѓа на 50 километри јужно од градот Ченгду, на дното на реката Минџианг, на местото каде што во неа се влева притоката Џинџианг.
Се претпоставува дека се работи за богатството што бунтовникот Џанг Сианџонг се обидел со чамци да го префрли на југ, откако во далечната 1646 година е поразен од страна на моќната династија Минг. Некои историски извори тврдат дека тогаш потонале повеќе од илјада чамци со богатство.
Врз основа на историските податоци, археолозите во јануари, со доаѓањето на сушната сезона, почнаа да вршат ископувања на дното на реката, а првите предмети беа пронајдени по првите пет метри ископување.
„Овие предмети се многу значајни и вредни за науката, историјата и за уметноста. Тие ќе придонесат за подобро да се разбере животот во времето на династијата Минг“, изјави археологот Ли Бокиан.