свет

Арапските земји од Персискиот Залив ги повикуваат САД да се воздржат од воен напад врз Иран

Саудиска Арабија, заедно со Оман и Катар, наводно приватно лобираат кај администрацијата на претседателот Доналд Трамп, откако Белата куќа ги предупредила да се подготват за можни акции против Техеран

Merve Berker  | 14.01.2026 - Обновена : 14.01.2026
Арапските земји од Персискиот Залив ги повикуваат САД да се воздржат од воен напад врз Иран

АНКАРА (АА) – Арапските земји што граничат со Персискиот Залив ги повикуваат Соединетите Американски Држави (САД) да се воздржат од евентуален воен напад врз Иран, предупредувајќи дека таква интервенција би можела да предизвика сериозна економска и политичка нестабилност во целиот регион, јавија медиумите, пренесува Анадолу.

Според „Волстрит џурнал“, Саудиска Арабија, заедно со Оман и Катар, приватно лобираат кај администрацијата на претседателот Доналд Трамп, откако Белата куќа ги предупредила да се подготват за можни акции против Техеран.

Иако јавно остануваат воздржани додека Иран се соочува со масовни протести, овие земји зад затворени врати ги притискаат американските претставници да ја преиспитаат таквата опција.

Според официјални претставници од арапските земји од Персискиот Залив , секој воен обид за соборување на иранскиот режим би можел сериозно да го наруши глобалниот транспорт на нафта преку Ормускиот Теснец, стратегиски воден пат низ кој минуваат околу 20 отсто од светските нафтени испораки.

Тие стравуваат од внатрешни последици, економски неуспеси и можни одмазднички реакции доколку дејствуваат американските сили.

Саудиски официјални лица, наводно, му порачале на Техеран дека Ријад нема да учествува во никаков конфликт, ниту ќе дозволи користење на својот воздушен простор од страна на американските сили, настојувајќи да се дистанцира од директна конфронтација.

„Претседателот ги слуша различните мислења за секое прашање, но на крајот ја носи одлуката за која смета дека е најдобра“, изјави претставник на Белата куќа.

Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште нема донесено конечна одлука, но вчера на социјалните мрежи објави порака со која им порача на иранските демонстранти да истраат, пишувајќи: „Помошта е на пат.“

Лидерите од Персискиот Залив изразуваат загриженост и поради непредвидливоста во Иран по евентуалното заминување на врховниот лидер Али Хаменеи, вклучително и можноста за преземање на власта од страна на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) или создавање регионален хаос.

„Тие немаат симпатии кон иранскиот режим“, изјави поранешниот американски амбасадор Мајкл Ратни, „но истовремено имаат силна одбивност кон нестабилноста“.

Саудиска Арабија, која е фокусирана на спроведувањето на планот „Визија 2030“ за диверзификација на економијата, ја смета регионалната стабилност за клучна. Аналитичарите оценуваат дека најпосакувано сценарио за земјите од Персискиот Залив би биле внатрешни реформи во Иран, а не целосен колапс на режимот.

Иран е зафатен од бран протести од 28 декември во Техеран, поради наглото намалување на вредноста на иранскиот ријал и влошувањето на економските услови. Подоцна демонстрациите се проширија во неколку градови.

Владини претставници ги обвинија САД и Израел за поддршка на „немирите“ и „тероризмот“.

Нема официјални податоци за жртвите, но Новинската агенција на активисти за човекови права (ХРАНА), група за човекови права со седиште во САД, проценува дека бројот на жртви достигнал повеќе од 2.550, вклучително и припадници на безбедносните сили и демонстранти, а над 1.134 се повредени.

ХРАНА, исто така, објави дека најмалку 10.721 лице се приведени на протестите на 585 локации низ целата земја, меѓу кои и 186 града во 31 провинција.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.