Fatih Erel
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
ЖЕНЕВА (АА) – Обединетите нации упатија апел за итно укинување на овој дискриминирачки закон, кој како што велат, ќе придонесе за зголемување на верската нетрпеливост и за стигматизација на муслиманите во Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Врховниот комесаријат за човекови права при ОН, Руперт Колвил, на прес-конференцијата што се одржа во канцеларијата на ОН во Женева го сврте вниманието на забраната за буркини во Франција.
Нарекувајќи ја „деградирачка и понижувачка“ оваа забрана, која е во сила во некои туристички места во Франција, Колвил изјави:
„Со задоволство ја примивме одлуката на Врховниот суд на Франција, минатиот петок, за укинување на забраната за буркини во областа Вилнев-Лубе. Го повикуваме судот да ги земе предвид и останатите делови во Франција, каде што овој закон ги крши основните права и слободи“.
Истакнувајќи дека според меѓународните правни стандарди, ваквата забрана може да се донесе само доколку облеката што се носи од верски причини ги загрозува безбедноста, здравјето и моралот на заедницата, тој додаде: „Упатуваме апел до останатите региони во Франција каде што овој дискриминирачки закон сѐ уште е во функција, тој итно да биде укинат, додека сѐ уште трае летната сезона“.
Осврнувајќи се на терористичките настани, кои се случија во градот Ница, тој предупреди дека ваквите закони не само што нема да ја подобрат ситуацијата, туку ќе придонесат за поголема верска нетрпеливост и стигматизација на муслиманите, а особено на жените муслиманки во Франција.
„Кога жените почнаа да носат бикини на плажите тие беа казнувани, поради тоа што премногу ги покажуваа своите тела. Сега сосема спротивно, тие се казнувани затоа што си ги кријат своите тела додека пливаат, ова е бесмислено“, додаде Колвил.