Ahmet Dursun
12 Март 2019•Ажурирај: 13 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Група пензионирани американски дипломати и генерали го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да го врати во сила Договорот за иранската нуклеарна програма, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп во мај минатата година донесе одлука за еднострано американско повлекување од меѓународниот Договор за иранската нуклеарна програма и ги обнови санкциите кон Техеран. Станува збор за договор кој со Иран го потпишаа петте постојани членки на Советот на безбедност во Германија.
Вкупно 53 пензионирани дипломати и генерали објавија отворено писмо во кое наведуваат дека враќањето на САД во рамките на Договорот за иранското нуклеарно пршање е важно за создавање пошироки политички стратегии на САД на Блискиот Исток.
Во отвореното писмо, исто така се наведува дека меѓународниот Договор наметнал ограничување во развојот на иранската нуклеарна програма и ја подобрил безбедноста на САД и неговите соседи, а дека американското повлекување од Договорот ги загрозило тие достигнувања.
Меѓународната агенција за атомска енергија во последниот извештај констатираше дека иранските власти и по американското повлекување се придржуваат до постигнатиот меѓународен Договор за нуклеарното прашање.
„Договорот го спречува Иран да се здобие со нуклеарно оружје и наметнува меѓународни контроли на Иран. И Европската Унија се залага за зачувување на Договорот“, наведуваат потписниците на писмото.
Меѓу потписниците на отвореното писмо се поранешниот заменик-началник на Генералштабот на американската војска, Арлен Д. Џејмсон, поранешниот челник на Воениот комитет на НАТО, Валтер Е. Гаскин и поранешната директорка на Стејт департментот за Европа и Евроазија, Лаура Кенеди.