Oliver Towfigh Nia
11 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
Повеќето Германци се против поседувањето сопствено нуклеарно оружје во услови на стравувања дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ги повлече американските атомски боеви глави од Европа, објавија германските медиуми денес, јавува Анадолу.
Според анкетата на Институтот Форса, објавена од хамбуршкиот неделен магазин Стерн, 64 отсто од испитаниците се против изградба на германска атомска бомба, 31 отсто го поддржуваат тоа, а 5 отсто немаат став за ова прашање.
Сепак, во споредба со февруари 2024 година, бројот на поддржувачи на идејата за германско нуклеарно оружје е зголемен за четири процентни поени.
Поради својата улога како агресор во Втората светска војна, Германија се има обврзано на ненуклеарна одбрана преку меѓународни договори, според кои ѝ е забрането да се стекнува со нуклеарно оружје. Истовремено, земјата учествува во нуклеарни програми за споделување оружје во рамките на НАТО.
Идниот германски канцелар Фридрих Мерц на 9 март изјави дека се надева оти американскиот нуклеарен штит ќе остане на сила и дека европскиот нуклеарен чадор треба да се гледа како „дополнување“ на тој систем.
Тој изјави дека ќе разговара со Франција и Велика Британија за можноста за споделување нуклеарно оружје, но истакна дека таквиот чекор не може да биде замена за американската заштита.
„Споделувањето на нуклеарното оружје е прашање за кое треба да разговараме. Треба да бидеме посилни заедно во нуклеарното одвраќање“, изјави Мерц за германскиот јавен сервис Дојчландфунк (DLF).
„Треба да разговараме со двете земји (Франција и Велика Британија), секогаш од перспективата на дополнување на американскиот нуклеарен штит што, секако, сакаме да остане на сила“, додаде тој.
Се верува дека околу 20 американски нуклеарни боеви глави се складирани во воената база Бихел, која се наоѓа во Југозападна Германија.
Ниту НАТО ниту владите на САД и на Германија не објавуваат точни податоци за бројот и локациите на нуклеарното оружје, повикувајќи се на безбедносни причини.
Сепак, НАТО потврди дека САД имаат распоредено ограничен број нуклеарни боеви глави B-61 на различни локации во Европа.
Во 2022 година Германија ја избра базата Бихел како идно седиште за 35 американски борбени авиони Ф-35, кои ќе ги заменат старите авиони „Торнадо“, што Германија ги користи со децении.