свет

Анкета: 32 отсто од Израелците имаат потреба од ментална здравствена поддршка по две години војна

Податоците произлегуваат од анкетата спроведена од „Макаби здравствени услуги“, еден од најголемите здравствени осигурители во Израел, врз репрезентативен примерок од 1.100 лица на возраст од 20 до 75 години

Lina Altawell  | 31.12.2025 - Обновена : 31.12.2025
Анкета: 32 отсто од Израелците имаат потреба од ментална здравствена поддршка по две години војна

ЕРУСАЛИМ (AA) – Дури 32 отсто од Израелците имаат потреба од ментална здравствена поддршка по повеќе од две години војна, покажува новото истражување на јавното мислење објавено денес, јавува Анадолу.

Податоците произлегуваат од анкетата спроведена од „Макаби здравствени услуги“, еден од најголемите здравствени осигурители во Израел, врз репрезентативен примерок од 1.100 лица на возраст од 20 до 75 години од целата земја, објави весникот „Тајмс оф Израел“.

Анкетата, спроведена во ноември, покажала дека 32 отсто од испитаниците изјавиле оти им е потребна специјализирана психолошка поддршка – највисок процент откако започнало спроведувањето на ова истражување.

Состојбата е уште посериозна меѓу припадниците на Армијата кои служеле во изминатата година. Според анкетата, 39 отсто од нив изјавиле дека имаат потреба од ментална здравствена помош, 26 отсто изразиле загриженост поради симптоми на депресија, а 48 отсто навеле дека имаат проблеми со спиењето.

Општата ментална благосостојба, исто така, бележи влошување. Според податоците, 17 отсто од испитаниците ја оцениле својата психолошка состојба како просечна или лоша, наспроти 13 отсто пред почетокот на војната во Газа.

Анкетата покажува и зголемување на стапката на пушење во 2025 година, при што 30 отсто од пушачите изјавиле дека ја зголемиле консумацијата на цигари поради психолошки стрес.

Медицинските податоци анализирани во рамки на истражувањето укажуваат и на пад од 4 отсто на бројот на раѓања во споредба со 2024 година, што, според извештајот, ги одразува пошироките психолошки и социјални последици од војната.

Војната во Газа значително влијаеше врз секојдневниот живот во Израел. Израелската Армија синоќа соопшти дека од почетокот на 2025 година 21 нејзин припадник починале како последица на самоубиство.

Со договорот за прекин на огнот од 10 октомври беше ставен крај на двегодишната војна на Израел, во која се убиени повеќе од 71.200 Палестинци, претежно жени и деца, над 171.200 беа повредени од октомври 2023 година, а Појасот Газа беше оставен во урнатини.

И покрај прекинот на огнот, израелските напади во Газа продолжија, при што, според здравствените власти, загинале повеќе од 400 лица, а над 1.100 биле повредени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın