Ekip
19 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Повеќе од 40 американски парламентарци бараат воведување санкции кон Ријад, поради случајот со исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, Претставничкиот дом на САД повика на силни и сеопфатни санкции кон Саудиска Арабија, доколку се утврди улогата на оваа земја во случајот „Кашоги“.
Во писмо на Претставничкиот дом, упатено до претседателот Доналд Трамп, се бара случајот „Кашоги“ да се истражува во рамките на „Законот Магнитски“, според кој се наметнуваат санкции кон оние кои ги кршат човековите права во Русија и во другите земји.
Потсетуваме, американскиот претседател Трамп во четвртокот вечер изјави дека верува оти новинарот Џамал Кашоги е мртов.
„Верувам дека е мртов, доколку не се случи големо чудо. Се работи за разузнавачки информации“, рече Трамп.
Тој најави и „многу сериозни“ последици, ако Ријад биде одговорен за исчезнувањето на Кашоги и неговата можна смрт.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Кашоги е познат како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржува и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.