свет

Американски медиуми: Помпео ги преслуша аудиоснимките од убиството на Кашоги

Американската телевизија АБЦ (ABC) објави прилог во кој се повикува на неименуван турски функционер, а во кој се наведува дека турските функционери на Помпео во Анкара му ги пуштиле спомнатите аудиоснимки и му ја предале дешифрираната снимка.

Kasım İleri  | 19.10.2018 - Обновена : 19.10.2018
Американски медиуми: Помпео ги преслуша аудиоснимките од убиството на Кашоги

Washington DC

ВАШИНГТОН (AA) - Американските медиуми објавија дека државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Помпео, во текот на посетата на Анкара ги преслушал аудиоснимките кои укажуваат дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).

Американската телевизија АБЦ (ABC) објави прилог во кој се повикува на неименуван турски функционер, а во кој се наведува дека турските функционери на Помпео во Анкара му ги пуштиле спомнатите аудиоснимки и му ја предале дешифрираната снимка.

Во прилогот, исто така се наведува дека неименуван извор потврди дека Кашоги во саудискиот Конзулат е „задушен по давење кое траело осум минути“.

Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на САД, Хедер Нојерт, ги негираше тврдењата на телевизијата АБЦ.

„Секретарот Помпео ниту ја сослуша аудиоснимката, ниту добил каква било дешифрирана снимка во врска со исчезнувањето на Кашоги“, порача Нојерт.

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Њујорк тајмс“ (New York Times) изјави оти верува дека Кашоги е мртов.

„Верувам дека тој е мртов, доколку не се случи некое големо чудо. Се работи за разузнавачки информации“, рече Трамп, и најави „многу сериозни“ последици, доколку Ријад биде одговорен за исчезнувањето на Кашоги и неговата можна смрт.

Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна на 2 октомври откако влегол во комплексот на Kонзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Познат е како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржувал и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.