Ekip
19 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
ЊУЈОРК (АА) - Махер Абдулазиз Мутреб, помошникот на саудискиот престолонаследник, осомничен во случајот „Кашоги“, забележан е како влегува во саудискиот Конзулат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на фотографијата што вчера ја објави турскиот весник „Сабах“ (Sabah), американскиот весник „Њујорк тајмс“ (The New York Times) пишува дека Мутреб влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул само неколку часа пред исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги во комплексот на Конзулатот.
На фотографијата од безбедносната видеоснимка може да се види Мутреб на денот на исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги. Помошникот на саудискиот принц е забележан на снимките во хотелот, надвор од Конзулатот, на аеродромот и надвор од резиденцијата на конзулот.

Американскиот весник наведува дека фотографијата на Мутреб е еден од највпечатливите докази досега кои исчезнувањето на Кашоги и неговата можна смрт го поврзуваат со саудискиот принц Мухамед бин Селман.
Весникот наведува дека „Сабах“ ја објавил фотографијата на Мутреб надвор од резиденцијата на саудискиот конзул, како го напушта хотелот со голем куфер и од аеродромот во Истанбул, додека ја напушта Турција.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Кашоги е познат како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржува и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.