Gözde Bayar
10 Јули 2022•Ажурирај: 11 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден порача дека има за цел да ги преориентира стратешките односи на Америка со Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текстот објавен од „Вашингтон пост“ доцна синоќа, Бајден истакнува дека ќе отпатува на Блискиот Исток следната недела за да започне „ново и поперспективно“ поглавје од американскиот ангажман во тој регион.
„Оваа посета доаѓа во витален период за регионот и ќе ги унапреди важните американски интереси“, порача тој.
„Од самиот почеток, мојата цел беше да ги преориентирам, но не и да ги прекинам, односите со земјата која е стратешки партнер 80 години. Денес, Саудиска Арабија помогна да се врати единството меѓу шесте земји од Советот за заливска соработка, целосно го поддржа примирјето во Јемен и сега работи со моите експерти во помагање на стабилизирање на пазарите на нафта со другите производители на ОПЕК“, додаде Бајден.
Нагласувајќи дека побезбеден и интегриран Блиски Исток е во бенифит на Американците на повеќе начини, тој рече дека интензивно ќе продолжи со дипломатијата, и преку тет-а-тет состаноци, со цел да се постигнат целите.
„Знам дека има многумина кои не се согласуваат со мојата одлука за посета на Саудиска Арабија. Моите ставови за човековите права се јасни и долгогодишни, а фундаменталните слободи се секогаш на агендата кога патувам во странство, како и што ќе бидат за време на оваа посета, исто како што ќе бидат [на агендата и] во Израел и на Западниот Брег“, нагласи Бајден.
Истакна дека кога ќе се сретне со саудиските лидери во петок, ќе има за цел да го зајакне стратешкото партнерство засновано на заеднички интереси и одговорност, притоа држејќи се до темелните американски вредности.
Потенцирајќи дека тој ќе биде и првиот американски претседател што ќе лета од Израел до саудискиот пристаништен град Џеда, рече дека ова патување исто така ќе биде „мал симбол на зародишните и надежни односи“ и „чекори кон нормализација на односите меѓу Израел и арапскиот свет”.
„Следната недела ќе бидам првиот претседател што ќе го посети Блискиот Исток по 11 септември без американските трупи да се ангажирани во борбена мисија таму. Мојата цел е да го задржам тоа така“, додаде тој.
Истакна дека лидерите од целиот регион ќе се соберат во Џеда на состанок на земјите од Советот за заливска соработка, меѓу кои ќе бидат и Ирак, Јордан и Египет, укажувајќи на можноста за постабилен и поинтегриран Блиски Исток, со витална лидерска улога на САД.
„Се разбира, регионот останува полн со предизвици: нуклеарната програма на Иран и поддршката за прокси групите, граѓанската војна во Сирија, кризата со обезбеденост со храна влошена од руската војна против Украина, терористичките групи кои сè уште дејствуваат во голем број земји, политичкиот ќор-сокак во Ирак, Либија и Либан и стандардите за човекови права кои заостануваат зад поголемиот дел од светот. Мора да дискутираме за сите овие прашања“, напиша тој.