Servet Günerigök
27 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше со суданскиот премиер Абдал Хамдок, откако е пуштен на слобода, соопшти Стејт Департментот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на портпарлот на Стејт Департментот, Нед Прајс, наведува дека Блинкен го поздравил ослободувањето на Хамдок и го повтори својот повик до суданските воени сили да ги ослободат сите цивилни лидери и да ја обезбедат нивната сигурност.
„Исто така изрази длабока загриженост за тековното преземањето на власта од војската и повтори дека е императив за воените сили да бидат воздржани и да избегнуваат насилство како одговор на демонстрациите“, изјави Прајс.
Владејачкиот Воен совет на Судан соопшти дека вчера на слобода е пуштен премиерот Абдал Хамдок кој беше уапсен во понеделникот, кога војската прогласи вонредна состојба и ја презеде власта во државата.
Локалните медиуми јавија дека Хамдок пристигнал во својата куќа во Картум и тоа во придружба на војската.
Челникот на војската и владејачкиот Воен совет на Судан, генералот Абдел Фатах ал Бурхан претходно соопшти дека премиерот Хамдок поради безбедносни причини се држи во својата куќа.
Премиерот Хамдок и голем број министри во цивилната Влада во понеделникот беа приведени од суданската војска, а генералот Ал-Бурхан прогласи вонредна состојба, го распушти преодниот Суверен совет и Владата и суспендира некои одредби од уставниот документ за политичката транзиција во Судан.