Nuri Aydın
05 Март 2022•Ажурирај: 07 Март 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Украина може да ја добие војната против Русија, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Блинкен во изјава за „Би-би-си“ говореше за војната на Русија против Украина. Истакнувајќи дека не може да знае колку долго ќе траат судирите, Блинкен рече дека Украина може да ја добие војната против Русија.
„Уверен сум дека Украина ќе ја добие војната против Русија“, рече Блинкен.
Тој исто така го пофали отпорот на украинскиот народ во војната против Русија.
„Ако целта на Русија е да ја собори Владата и да воспостави сопствен марионетски режим, 45 милиони Украинци некако ќе го одбијат тоа.“
Истакнувајќи дека војната не се одвива како што планирале Русите, Блинкен напомена дека меѓународната заедница прави сè за да ѝ помогне на Украина и врши притисок за да се стави крај на војната што ја започна Русија.
Нагласи и дека руските сили сè повеќе користат брутални методи против цивилите.
„Она што нè загрижува е понатамошното интензивирање на војната. Гледаме дека цел на Русија се украинските мрежи за електрична енергија, вода и природен гас. Можеби ќе видиме повеќе такви методи“, рече Блинкен.
Напоменувајќи дека Соединетите Американски Држави (САД) нема да се обидат да ја прекинат окупацијата на Украина со промена на власта во Русија, Блинкен рече дека тоа не е нивно прашање, туку дека рускиот народ може да одлучи кој ќе ги води во иднина.
Нападот на Русија врз Украина, што започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската Унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) кон Москва воведоа економски санкции. Москва е додатно изолирана бидејќи на нејзините авиони им е забрането да го користат европскиот, американскиот и канадскиот воздушен простор.