Mücahithan Avcıoğlu
22 Јануари 2025•Ажурирај: 23 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Американските технолошки гиганти ОпенАИ, Оракл и СофтБанк се здружуваат за да основаат заедничка компанија што ќе инвестира до 500 милијарди долари во развој на инфраструктура за вештачка интелигенција во Соединетите Американбски Држави (САД), соопшти ОпенАИ денес, јавува Анадолу.
ОпенАИ, креатор на ЧатЏПТ, на платформата Х објави дека веднаш ќе започне со инвестиција од 100 милијарди долари во проектот наречен „Старгејт“, додавајќи:
„Оваа инфраструктура ќе ја обезбеди американската лидерска позиција во ВИ, ќе отвори стотици илјади работни места во САД и ќе генерира огромна економска корист за целиот свет.“
„Овој проект не само што ќе ја поддржи реиндустријализацијата на САД туку ќе обезбеди и стратегиски капацитет за заштита на националната безбедност на Америка и нејзините сојузници“, се вели во објавата.
Соопштението на ОпенАИ следуваше откако американскиот претседател Доналд Трамп го пофали проектот уште првиот ден од неговото враќање во Белата куќа.
„Овие водечки технолошки гиганти го најавуваат формирањето на 'Старгејт', нова американска компанија што ќе отвори над 100.000 работни места во САД“, изјави Трамп во Белата куќа, опкружен со извршниот директор на СофтБанк, Масајоши Сон, претседателот на Оракл, Лари Елисон, и извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман.
Особено по неговиот реизбор во ноември, Трамп и технолошките компании сѐ повеќе соработуваат, при што претседателот сака да покаже дека неговата администрација е попријателски настроена кон бизнисот во споредба со претходниот претседател Џо Бајден, чиј мандат заврши во понеделникот.
Ем-џи-екс (MGX), СофтБанк и ОпенАИ ќе бидат водечки партнери во „Старгејт“, при што СофтБанк ќе ја преземе финансиската одговорност, а ОпенАИ оперативната одговорност. Според изјавата, Сон ќе биде претседател на новата компанија.
Компаниите Арм, Мајкрософт, НВИДИА, Оракл и ОпенАИ ќе бидат клучни технолошки партнери во овој проект.
„Изградбата е веќе во тек во Тексас, а се евалуираат можни локации низ целата земја за повеќе кампуси додека се финализираат дефинитивните договори“, се наведува во соопштението на Х.
Оракл, НВИДИА и ОпенАИ ќе работат заедно за развој и управување со системот ВИ, проширувајќи ја досегашната соработка меѓу ОпенАИ и НВИДИА од 2016 година, како и поновата соработка со Оракл.
„Сите со нетрпение очекуваме да продолжиме да градиме и развиваме ВИ – особено општа вештачка интелигенција (ОВИ) – за доброто на целото човештво. Веруваме дека овој нов чекор е клучен на тој пат и ќе им овозможи на креативните луѓе да најдат начини како да ја искористат ВИ за да го издигнат човештвото“, додава ОпенАИ.
Но милијардерот Илон Маск, кој е близок сојузник на Трамп, изрази скептицизам за проектот, изјавувајќи: „Всушност, тие немаат пари. СофтБанк има обезбедено помалку од 10 милијарди долари. Ова го знам од сигурен извор.“