Nuri Aydın
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Командантот на Американската централна команда (CENTCOM), генерал Френк Мекензи, тврди дека по заминувањето на американските сили од Авганистан, брзо е зголемен бројот на елементи на терористичката организација Ал Каеда, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мекензи во изјавата за „Асошиејтед прес“ (The Associated Press) рече дека администрацијата на талибанците е поделена околу тоа дали да ги прекине врските со групите на Ал Каеда.
Истакнувајќи дека Ал Каеда повторно се обидува да ги зголеми своите активности во Авганистан, Мекензи додаде дека повлекувањето на американските војници и разузнавачката мрежа од регионот го отежнува следењето на екстремистичките групи.
Мекензи уште рече и дека голем број нови милитанти се приклучиле на групите на Ал Каеда во Авганистан во последните денови.
Истакнувајќи дека сѐ уште не знаат како талибанците ќе постапат против Ал Каеда, Мекензи рече дека тоа ќе стане јасно за месец или два.
Меѓу другото, Мекензи рече дека талибанците треба да бидат решени да се борат против Ал Каеда како што ветија, но дека тоа сѐ уште не се случило.
Посочувајќи дека американските сили можат да извршат воздушни напади врз цели за кои сметаат дека се неопходни доколку добијат разузнавачки информации, Мекензи додаде дека таков напад не е извршен по повлекувањето на САД од Авганистан.
Истакнувајќи дека има многу милитанти на ДЕАШ ослободени од затворите во Авганистан, Мекензи истакна дека и оваа организација се обидува да воскресне.
Мекензи, исто така, нагласи дека Ал Каеда и ДЕАШ продолжуваат да регрутираат припадници однатре и однадвор од земјата.